Еден ден по најавеното излегување од Владата, ВМРО-ДПМНЕ го обвини министерот и предводник на едното крило на АА, Арбен Таравари дека пројавил интерес за бизнис-зделките на СДСМ и се интересирал за важни прашања за ДУИ. Според членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици и никогаш не разговарал за законско регулирање на Балансерот.
-Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар Ѓока, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси и важни прашања за ДУИ.
Не може некој да смета дека може да биде дел од Владата, а притоа да седи во прегратките на криминалот СДС и ДУИ. Тоа е нашето ветување пред граѓаните, рече Манасиевски откако синоќа претседателот на едното крило на АА кажа дека Албанците не смеат да бидат кукли во Владата и ги спомна Балансерот и Законот за јазиците. Таравари рече дека ќе му се вратат на граѓанинот и дека Алијанса за Албанците е уникатна партија. Смета дека Албанците се маргинализирани.
Манасиевски демантираше дека досега било разговарано за било каква размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го превземе Министерството за здравство. Вечерва има редовна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која ќе се разговара за ова прашање.
СДСМ критикуваше дека по неполна година од формирање на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа почнува да се распаѓа. Според партијата од „Бихаќка“, тоа е директна потврда на она што граѓаните го чувствуваат секој ден – дека Владата на Христијан Мицкоски е нефункционална, деструктивна и целосно заглавена во сопствени интереси.
-За прв пат во 35 години независност и плурализам се случува за толку кратко време најголемиот коалиционен партнер да ја напушти Владата, и тоа оваа на Христијан Мицкоски, порачаа од најголемата опозициска партија.
Еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами изјави дека во Владата имало разговори какви комбинаторики да се направат во однос на министерските места што би се испразниле со заминувањето на АА и Таравари. Тој не ја исклучува можноста ВЛЕН да го „даде“ Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор, при што во јавноста се спомена образованието со кое засега раководи министерката Весна Јаневска.