ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон изготвување на суштински амандмани со цел подобрување на законите кои се однесуваат на градењето на Коридорите 8 и 10д и избегнување на штетите кои би ги трпела државата, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.
Потенцира дека веќе имаат поднесено амандмани за Законот за работни односи, што е ставен на дневен ред на денешната закажана седница на собраниската Комисија за труд и социлајна работа.
-Дали СДС и ДУИ, т.е. Димитар Ковачевски и Артан Груби со договорот кој го потпишале со „Бехтел и Енка“ ја обврзале Македонија да плаќа милионски пенали, доколку не се измени Законот за работни односи и не се овозможи 60 часовна работна недела за работниците кои ќе работат на проектот на „Бехтел и Енка“ на Коридорите 8 и 10д. Доколку е вистина, пеналите кои Ковачевски и Груби ги прифатиле како дел од договорот се на директна штета на државата и надвор од нивните овластувања како извршна власт. Согласно извадокот од договорот што го виде македонската јавност се обврзале во рок од 45 дена од денот на потпишување на договорот да го сменат Законот за работни односи и да воведат 60 часовна работна недела, во спротивно треба да исплатат еднократни пенали во висина од 53 милиони евра, рече Панова.
Таа рече дека тимовите на нејзината партија тимови ги разгледуваат законите и кога ќе имаат изготвено материјали за подобрување на законите ќе бидат закажани собраниските комисии на кои се ставени законите за градењето на Коридорите 8 и 10д.