ВМРО-ДПМНЕ: Поднесувањето закон за настраданите од Кочани е исто како СДСМ да поднесе измени на закон за потекло на имот

од Nikola Popovski
104 прегледи

Поднесувањето на закон за настраданите од Кочани е исто како СДСМ да поднесе измени на закон за потекло на имот, Филипче за модуларната болница, а Заев за враќањето на името, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера најголемата опозициска партија поднесе Предлог-закон за помош на семејствата на загинатите и повредените од пожарот во Кочани.

ВМРО-ДПМНЕ бара од СДСМ да не ја политизира трагедијата во Кочани и да не се обидува преку трагедијата да добие политички поени плус.

-Граѓаните ја препознаа вистината за СДСМ и нивниот начин на владеење со кој ја опустошија, испокрадоа и уназадија државата, стои во партиското соопштение на политичкиот субјект предводен од Христијан Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека изготвиле добро законско решение и ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат или да се вклучат во негово модифицирање ако имаат предлози, нагласувајќи дека целта не е да се политизира трагедијата. Очекува поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ иако, рече, имало коментар од владејачката партија дека нема да го поддржат нивниот предлог кога тие го најавиле.

Со Предлог-законот и семејствата на жртвите и повредените ќе добијат финансиска помош – во зависност од повредите таа ќе достигне до 5 милиони денари. Покрај финансиската предлог законот предвидува и институционална поддршка. Предлог законот го поднесуваат по скратена постапка, а од СДСМ велат дека во него се вклучени и настраданите од несреќите во Беса транс, модуларната во Тетово како и трагедијата кај Ласкарци.

Од ВМРО-ДПМНЕ неодамна најавија дека владејачкото мнозинство ќе ги дуплира или трикратно ќе ги зголеми средствата кои што Владата ги одвоила за сите општини со цел да помогне на Кочани, а паралелно се водат преговори со повеќе инвеститори своите капацитети да ги изградат во индустриската зона таму.

Слични содржини