ВМРО-ДПМНЕ потврди дека Толоманоски бил фатен со дрога, најавија дека ќе го исклучат од партијата

од Nikola Popovski
464 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ информира дека нивниот член Александар Толоманоски по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешен од местото претседател на МК Пештани во Охрид. Од партијата истакнуваат дека тој во најитен рок и ќе биде исклучен од членството на партијата.

-Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од директорката на училиштето каде Толоманоски работел ќе побара поведување на дисциплинска мерка за прекинување на работниот однос. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува за секое незаконско однесување и постапување без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност, велат од најголемата опозициска партија.

Додаваат дека „СДСМ наместо евтин популизам и двојни стандарди нека побара од Спасовски до крај да го расветли двојното убиство кое ја потресе јавноста, како и да повика на одговорност за задоцнетата реакција со трагичното киднапирање и смрт на малата Вања“.

Претходно од СДСМ објавија дека истакнат член на ДПМНЕ од Пештани и близок соработник на Мицкоски е фатен со кокаин.

Како што информираше МВР, вчера на 9-ти декември во 2 часот и 55 минути е приведено лицето А.Т. заради поседување предмети со кокаин.