ВМРО-ДПМНЕ продолжи со обвинувањата кон СДСМ за „делувањето“ на екс-вицепремиерот Артан Груби додека беше дел од владината коалиција составена од СДСМ и ДУИ. Според партијата на власт, лидерот на опозицијата, Венко Филипче „никако не може да излезе од сенката на Зоран Заев и Димитар Ковачевски и нема храброст да се извини за криминалните коалиции, за кои сеуште се држи, и за криминалот на Груби кој месец дена ја тресе македонската јавност“.
-Венко Филипче не смогна сили да се извини ни зошто МВР, на чело со Оливер Спасовски во владата на СДС, со години не преземала ништо за да ги спречи неговите криминални дела. Не само што не го спречиле криминалот на Груби, МВР на чело со Спасовски не покрена ниту постапка за негово кривично гонење и соочување со лицето на правдата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, повторно барајќи извинување од нивните противници.
-И ако Филипче не собере сили да се извини прво за Артан Груби, а потоа за се останато, со сигурност СДС ќе го бетонира на дното на македонската политичка сцена, стои во партиското соопштение.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека се преземаат активности за бегалецот Груби во рамки на предистрагата за Лотарија, додека се прибираат информации и за случајот од црната листа на САД за мито, кога беа посочени и судијата Енвер Беџети и Сашо Мијалков.
-Во однос на Артан Груби, јавноста знае дека има меѓународна потерница меѓутоа јавните обвинители понатаму презмаат дејствија во однос на постапката. Така да без разлика што тој е во бегство, и Артан Груби и другиот осомничен постапката и натаму продолжува и ќе биде јавноста известена за евентуално секое дејствие, рече Коцевски.
Запрашан дали е почната истрага за ставањето во фиока на предметот на екс-директорот на Сашо Мијалков, Коцевски информира дека се уште нема истрага и дека е во фаза на предистрага. Се прибираат докази.
-Во моментов јавноста е известена за дејсностите кои што се преземени од наша страна. Се води предистражна постапка, рече државниот обвинител.
Пред неколку дена, првиот полицаец во државата, Панче Тошковски информираше дека постојат оперативни информации за тоа каде се наоѓа Груби и стапено е во контакт со надлежните служби во рамки на државите за кои има добиено такви информации. Сепак, како што вели тој, официјална потврда од орган за тоа дали лицата се на нивна територија, моментално немаат.
Груби се бара со меѓународна потерница, а неодамна лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека „неговата локација е на албанските простори“.