ВМРО-ДПМНЕ повторно тврди дека Македонија издвојува повеќе од Германија за правосудството, иако амбасадорката Дрекслер го вели спротивното

„Ние одвојуваме повеќе дури и од далеку помоќните економски европски држави како Франција која за судството одвојува 0,20%, Германија 0,30%, Грција 0,26% од БДП. Нашиот сосед Албанија издвојува 0,29% од БДП, Молдавија 0,35% и Грузија 0,23%“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

ВМРО-ДПМНЕ повторно тврди дека Македонија издвојува повеќе од Германија за правосудството, иако германската амбасадорка синоќа соопшти поинаку. Од најголемата владеачка партија велат дека Македонија е држава која се вбројува меѓу земјите кои издвојуваат значителни средства за правосудството и кои на судиите и обвинителите, согласно закон, им обезбедила високи примања.

-Секоја година од државниот буџет за македонското судството се одвојуваат дури 0,39% од БДП. Со овој процент ние одвојуваме повеќе дури и од далеку помоќните економски европски држави како Франција која за судството одвојува 0,20%, Германија 0,30%, Грција 0,26% од БДП. Нашиот сосед Албанија издвојува 0,29% од БДП, Молдавија 0,35% и Грузија 0,23%. Овие податоци покажуваат дека иако Македонија е мала држава и по територија и население, сепак за правосудството издвојува значителни средства од државниот буџет. Ова значи дека нашата држава во правосудството вложува најмногу од сите погоре набројани држави, а добива најмалку, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

И во вакви околности кога, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија процентуално од БДП издвојува најмногу средства за правосудството во регионот и Европа, а судиите земаат и до три просечни плати, некои и повеќе, а резултатите од нивната работа се минимални, сепак бараат уште.

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер порача дека со загриженост ја следи дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството, која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија. Таа вели дека е погрешен впечатокот дека Германија издвојува помалку од Македонија за правосудството.

Дрекслер контра Мицкоски: Погрешно е да се вели дека Македонија издвојува повеќе од Германија за правосудството

Премиерот Христијан Мицкоски јасно стави на знаење дека не се откажува од идејата за отстранување државниот јавен обвинител, Коцевски. Во периодов се работи на пронаоѓање на правна рамка која нема повторно негативно да влијае врз државата и судството.

„Битно е дека дојдовме до констатацијата, а сега треба да видиме правниот процес како е за да не остане повторно некаква дилема за да не, потоа во некои нареден извештај повторно се најде името на овој човек и дека Владата направила нешто коешто е спротивно на, не знам што. Затоа сега дојдовме до оваа констатација. Сега оставете да го најдеме точниот пат до таму“, рече Мицкоски.

Премиерот не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија како држава одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.