ВМРО-ДПМНЕ прави споредба на цените на енергенсите, велат во соседството биле повисоки и за 60%

„Целта е Македонија да има енергенси по најевтини цени во регионот, дури и покрај глобалните притисоци кои укажуваат на можни поскапувања“, порачаа од најголемата владејачка партија

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„Владата неуморно работи да обезбеди енергетска стабилност. Целта е Македонија да има енергенси по најевтини цени во регионот, дури и покрај глобалните притисоци кои укажуваат на можни поскапувања. На пример, во соседните држави цените се повисоки за 40, 50, па дури и 60 проценти“, вака велат од ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните поради тоа стравуваат од нов бран поскапувања поради кризата на Блискиот Исток.

Од партијата нагласуваат дека случувањата во Заливот ја прават состојбата на енергетските пазари динамична, со цени кои варираат од час во час. Притоа упатија обвинувања кон опозициските партии.

„Опозицијата пак, од друга страна, се служи со празни флоскули и се занимава со се освен со тоа што треба, но не е неочекувано затоа што од нивната пракса досега се гледа дека не им е јасно, ниту пак покажале дека знаат да се справат со криза.

Пример лидерот на СДС, Венко Филипче, покажа и докажа дека не му е баш гајле за граѓаните, кога се обидуваше да профитира со вакцините против ковид и се обиде да врши набавка на истите преку компанија за јужно овошје по три пати поскапа цена, кога ги примора граѓаните да одат и да се вакцинираат во соседни земји, па правеше шоу на граница за 5.000 вакцини.

СДС беа последни во регионот што обезбедија заштита на народот“, стои во партиската реакција.

Македонија нема проблем со нафтените резерви, во земјава има доволно деривати, граѓаните не треба непотребно да точат горива во страв од недостиг – смируваат надлежните, иако признаваат дека поединци се обидуваат да направат вештачка криза преку ширење страв и паника. На состанокот во Владата, сите нафтените компании, јавно и јасно се изјаснија дека имаат доволно залихи и дека воопшто нема причина за стравување, бидејќи состојбата е стабилна.

Во однос на нефер трговски практики кај одредени трговци кои вештачки прават залихи на производи, со цел да ги подигнат цените, премиерот Мицкоски вели дека Државната комисија за заштита на конкуренција будно ја следи состојбата. Вели како влада глобите за трговците ги зголемиле речиси за десет до дваесет пати, така што во овој процес е вклучен и државниот пазарен инспекторат.

Премиерот се осврна и на економските состојби во државата при што истакна дека инфлацијата и цената на електричната енергија се држи под контрола. Премиерот Мицкоски вели-ние сме политичка гарнитура која не внесува страв кај граѓаните, туку ги предвидува предизвиците, нуди решенија за проблемите и креира поинаква атмосфера во општеството.

За првпат после 2022 година, цените на нафтата на светските пазари скокнаа близу 120 долари за барел, пред денес малку да паднат, бидејќи војната со Иран се интензивира.