Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека неговата партија предлага закон со кој ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, да се злоупотребува правото на граѓаните да се здружуваат.
-Тоа ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија, такви има две и во најава е уште едно, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.
Претходно во интервју за бугарските медиуми, а за бугарските здруженија во Македонија и за антибугарското расположение коментираше проф. Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања.
-Зачуден сум од еден неверојатен парадокс: Ако името на Иван Михајлов се смета за противзаконско и навредливо за националните чувства, тогаш треба да се забрани и партијата ВМРО, бидејќи Иван Михајлов е лидер на таа партија. По 1944 година многу Бугари беа прогонувани и убивани дури и под знакот на „вмровисти“; така што постои двоен парадокс: кога државните органи не можат да направат разграничување меѓу организацијата и нејзиниот водач, – од една страна; и обратно – кога самата организација шпекулира со ова име, употребувајќи го сосема легитимно, но проповедајќи сосема друга идеологија и политички намери, вели проф. Димитров за емисијата Брисел 1.
Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, по скратена постапка, е дел од дневниот ред на денешната 88. седница на Собранието, а на предлог на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
Предложените законски измени следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов” на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети” на 7 октомври во Охрид. Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија.
По отворањето на клубот „Цар Борис Трети” пратеничката Мизрахи, оцени дека тоа е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација”, а Еврејската заедница на Македонија најави кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза”.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пак, минатата недела утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов” – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.
Здружението Културен центар „Иван Михајлов” е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди Комисијата и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.
Од Министерството за правда, пак, изреагираа дека немаат издадено одобрение за употреба на името „Иван Михајлов” во името на здружението што беше отворено во април оваа година во Битола.
-Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар „Иван Михајлов”, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или кој било друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издаде одобрение за употреба на името „Иван Михајлов” во името на здружението, се вели во реакцијата од Министерството. Од таму додадоа дека „Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда”.