Левица апелира за обид на ВМРО-ДПМНЕ да создаде „синдикат по мерка на власта“, организација која не е плод на вистинска работничка борба туку проект со политичка агенда, чија единствена цел, како што велат, е да го искриви синдикалното движење во служба на моќта и да го амортизира револтот од „неспособното владеење“ на Владата.
-Соочена со растечката критика заради неисполнетите ветувања, игнорирањето на барањата за повисока минимална плата и, генерално, негрижата кон работничката класа, со цел да ги релативизира во целост разумните барања, на претставничките синдикати – ДПМНЕ, преку својот одамна познат модел на владеење, уцена, притисок, контролирани структури, активира операција за создавање синдикална параструктура.
Под директива од „Белата палата“, активно се работи на поткопување на синдикалната борба преку инсталирање на „удобен партнер“ – синдикат по мерка на власта, како КСС (синдикат кој нема да се спротивстави, туку ќе биде продолжена рака на владејачкото мнозинство), критикуваат од Левица.
Откако, додаваат од партијата на Димитар Апасиев, владејачкото мнозинство ги одби сите конструктивни законски решенија понудени од страна на Левица, а со цел подобрување на работничките права, патни трошоци за работниците, зголемување на периодот на породилното отсуство, навремена исплата на платата до петти во месецот, „сега, соочено со неможност да ја сокрие својата наклонетост кон олигархијата, наместо да понуди подобрување, создава лажни синдикати како инструмент на политичка контрола“.
-Јавно го прашуваме ДПМНЕ, дали е точно дека по наредба на „Белата палата“, јавните претпријатија и акционерските друштва во наредниот период треба да формираат синдикални здруженија кои треба да бидат под капата на КСС, синдикат близок до нив? Дали ова значи дека Владата признава дека нема капацитет да се соочи со реалните работнички проблеми и избира политички инженеринг наместо решенија? Потсетуваме дека КСС е единствен синдикат кој јавно се откажа и не се приклучи на првомајските протести, денот на трудот и отпорот – со што, отворено се дистанцираше од борбата за работнички права и ги потврди своите врски со власта.
Упатуваме повик до сите искрени синдикалци, работници и граѓани да не потклекнуваат на таквиот притисок. Работниците не може и не смеат да бидат замолчени, стои во партиското соопштение.