„Вистински дебакл се случува во СДС. Венко Филипче и СДС не можат да најдат кандидат за градоначалник за градот Скопје“ – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори и евентуалниот кандидат со кој СДСМ треба да „истрча“ за главниот град. Според партијата на Христијан Мицкоски, СДСМ биле одбиени од архитектот Ралев кој се споменуваше како најсериозен кандидат за изборите.
-Нашите информации говорат дека СДС добиле ладен туш од Мишко Ралев, кој не сакал да оди на избори на кои се знае дека ќе изгуби катастрофално. Ист одговор СДС добиле и од еден скопски адвокат, близок до нивната партија, кој исто така не сакал да го носи дресот на губитник уште од објавувањето на кандидатурата. Нема човек во СДС кој ќе се нафати да ги изгуби избори, а уште поголем е стравот, затоа што поразот ќе им биде убедлив уште во првиот круг, кажа Валетин Манасиевски – член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владеачката партија испраќаат порака до СДСМ „да не бараат многу“, бидејќи, како што велат, „поразот секако ќе ви биде огромен“.
Дел од јавноста, како најсериозни потенцијални кандидати на СДСМ за Град Скопје, ги лиферува имињата на Каја Шукова, актуелна потпретседателка на партијата и поранешна министерка за животна средина, како и Ѓорѓи Галетановски, претседател на градската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската Зоолошка градина.