ВМРО-ДПМНЕ: Ристова е докажан професионалец, апсурдни се обвинувањата дека нејзиниот сопруг има влијание врз изборот во Судскиот совет

од Nikola Popovski
69 прегледи

Обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има било каква моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни и далеку од реалноста, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако од СДСМ обелоденија дека Данка Ристова е избрана за нов член на Судскиот совет, а воедно е сопруга на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш, Ацо Ристо.

Според најголемата владеачка партија, тврдењата дека градоначалникот на Радовиш, на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали.

Од партијата на Христијан Мицкоски се децидни дека Ристова е докажан професионалец и повеќе од 30 години е во правосудството и дека е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од Штипското Апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината.

Од СДСМ денеска искажаа загриженост поради ваквата одлука. Порачаа дека ова се партиски инсталации во судството и потенцираат дека партијата на власт истото го правеше и порано.

-Наместо реформи гледаме бртална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, непосредно пред истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од раководната функција, но и понатаму останува член на Советот.  На прес-конференција, Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е опструирано од власта.

Премиерот Христијан Мицкоски изминатите месеци притиска за коренити промени и  распуштање на Советот на обвинители и Судскиот совет, што предизвика бранувања во земјава, но и кај меѓунардните тела. ЕУ и САД изразија загрижување поради ваквите најави, кои што сметаат дека се мешање во независноста на судството.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски неодамна во неколку јавни обраќања, ја обвини Дамева дека сака на незаконски начин да остане на претседателското столче уште неколку месеци. По ова следуваше нејзино писмено обраќање во кое таа наведе оти е факт дека имало осуммесечен прекин во нејзиниот мандат поради разрешувањето и оти побарала правно мислење кога тој точно и истекува.

Слични содржини