ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение порача дека и сервисите за проверка на интернет безбедноста го препознаваат вистинскиот карактер на СДСМ. Од партијата на власт обвинуваат дека сајтот на СДСМ е преполн со вируси, исто како што „нивната политика е заразена со вирусот на омразата, корупцијата и гневот кон сопствената држава и граѓаните“.
-Наместо да измислуваат лаги за работењето на Владата, пратениците на СДС треба да одговорат пред граѓаните: Каде се милионите евра украдени за време на нивното владеење? Каде се проектите кои ги ветуваа? Дали омразата која ја шират е сè што останало од нивната некогашна визија, прашаа од „Белата палата“.
Лажен профил на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, бил креиран на социјалната мрежа „Фејсбук“, информираа вчера од партијата, алармирајќи граѓаните да не наседнуваат на објавите. Од СДСМ потенцираат дека се злоупотребени името, податоците и фотографиите на Филипче.
-Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување, а граѓаните се насочуваат на приватни пораки, рекоа од „Бихаќка“.
Во моментов, официјалната интернет-страница на СДСМ е вон функција.