ВМРО-ДПМНЕ: СДС дојде на власт со ветувањата за чист воздух, 7 години ништо не е променето

од Stefanija Kuzmanovska
196 прегледи

СДС дојде на власт со ветувањата за чист воздух, 7 години потоа ништо не е променето. 4 години додека ја имаа локалната власт не презема ништо од заклучоците кои нивните пратеници ги усвоија, а 7 години како се на централна власт еден проект или поголема мерка од национален карактер за борба против загадувањето немаат спроведено, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Загадувањето на воздухот е национален проблем, и за ефикасно намалување на загаденоста потребни се национални мерки и проекти кои значајно ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови.

Освен заклучоци и препораки на комисии СДС и ДУИ ништо немаат преземено. Имено на 27 ноември и 25 декември 2018 година, Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија одржа Јавна расправа на тема: ‘Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија’, меѓу големиот број заклучоци донесени се и следните:

– Да се забрза процесот на гасификација на територија на Република Македонија и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа.

– Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;

5 години откако е донесена препораката се уште нема гас до градовите низ Македонија, надвор од Скопје, каде има топловодна мрежа која е стара неколку децении. На ова поле владата нема мрднато со прст.

– Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели.

4 години додека СДС управуваше со поголемиот број на општини бетонизацијата беше на прво место, а животната средина на крај на листата приоритети.

– Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија.

Оваа препорака не беше преточена во мерка, а всушност треба да биде начин на делување.

– Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието на Република Македонија да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот;

Владата нема преземено ништо конкретно во насока на нови законски решенија и нивна имплементација.

Наједноставно кажано СДС и ДУИ, кои последно се промовираа и како зелени, само декларативно на хартија носат стратегии и планови, но немаат никаква реализација.

Скопје и остатокот од државата тоне во загаден воздух, и главна вина за тоа има Владата на СДС и ДУИ. Општините имаат ограничени овластувања и можности, а дури и тие кои ги имаат не беа спроведувани од страна на градоначалниците на СДС и ДУИ изминативе 4 години.

И СДС и ДУИ дојдоа на власт со лаги дека ќе се борат против загадувањето и ќе го намалат истото. 7 години немаат направено ништо, затоа потребни се промени и нова Влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе ги решава проблемите и ќе се бори за подобра иднина на секое поле“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини