ВМРО-ДПМНЕ оценува дека СДСМ ќе исчезне и ќе ја снема од политичката сцена, „на ист начин како го снема и Артан Груби“. Ја продолжија старата пракса да бараат извинување од „Бихаќка“ за однесување на екс-вицепремиерот додека беше на функцијата.
-Како изминуваат деновите, а не се извинува за тоа што го остави Груби да краде и прави криминални дела, СДС губи се повеќе. Единствени виновници и одговорни за криминалите на Артан Груби се СДС кои, иако Оливер Спасовски го имаа министер за внатрешни работи за време на целиот период на владеење, ниту го спречија, ниту против него поведоа постапка, стои во партиското соопштение на партијат на власт.
Оттаму обвинуваат дека СДСМ додека беа на власт, „го имаа под нивна контрола и судството и обвинителство“, но не спровеле истрага или предмет против Груби.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски пред два дена изјави дека се преземаат активности за бегалецот Груби во рамки на предистрагата за Лотарија, додека се прибираат информации и за случајот од црната листа на САД за мито, кога беа посочени и судијата Енвер Беџети и Сашо Мијалков.
-Во однос на Артан Груби, јавноста знае дека има меѓународна потерница меѓутоа јавните обвинители понатаму презмаат дејствија во однос на постапката. Така да без разлика што тој е во бегство, и Артан Груби и другиот осомничен постапката и натаму продолжува и ќе биде јавноста известена за евентуално секое дејствие, рече Коцевски.
Пред неколку дена, првиот полицаец во државата, Панче Тошковски информираше дека постојат оперативни информации за тоа каде се наоѓа Груби и стапено е во контакт со надлежните служби во рамки на државите за кои има добиено такви информации. Сепак, како што вели тој, официјална потврда од орган за тоа дали лицата се на нивна територија, моментално немаат.
Груби се бара со меѓународна потерница, а неодамна лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека „неговата локација е на албанските простори“.