ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ применува нов феномен – пиење на апчиња за заборавање

од Nikola Popovski
21 прегледи

Назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на АНБ се уште е повод за партиски препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од партијата на Христијан Мицкоски утрово порачаа дека нивниот главен политички ривал „применува нов феномен на политичката сцена, а тоа мора да е интензивно пиење на апчињата за заборавање“.

Ваквата констатација е поради претходниот прв човек на АНБ, Виктор Димовски, за кого од ВМРО-ДПМНЕ велат дека беше член на Извршниот одбор на СДСМ и член на партиското дипломатско тело.

„Да не се заборави ниту улогата на Еролд Муслиу кој зема активно учество во кампањата на СДС, која партијата катастрофално ја загуби и за време на која Муслиу како партиски портпарол, но во исто време и прв разузнавач, креираше лажни документи, кодошеше и манипулираше при доделувањето на безбедносните сертификати и редица други злоупотреби.

Да не заборавиме ниту на улогата на семејството Ременски, која е пример за тоа како брачен пар ја злоупотребува политичката моќ за партиски цели“, порачаа од најголемата владеачка партија, додавајќи:

„Ја молиме СДС помалку да пие од апчињата за заборавање. Ако тие забораваат, Македонија памети“.

СДСМ бараат итно повлекување на Христовски и како што велат, отворање транспарентна постапка за избор на нов директор на АНБ. Според СДСМ иако Христовски пријавил во биографијата пет календарски години раководен стаж, недостасуваат прецизни датуми за неговото раководно искуство во УБК во периодот од 2012 до 2017 година.

-Има ли Христовски вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик како што посебните законски услови бараат, прашуваат од партијата.

Христовски е поставен на челната позиција на АНБ минатата недела.

Слични содржини