Ниту во СДСМ не веруваат дека имаат шанса за Скопје. Скандалите на Шилегов им се преку глава. Шилегов е до гуша во криминал и корупција. Шилегов за еден мандат изгради зграда дивоградба во Карпош и луксузна хациенда од 300м2 во Маврово, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на гостувањето на градоначалникот на Скопје во емисијата „Жешко политичко лето“.
Според нив, на Скопје не му треба градоначалник кој ќе дојде на власт со просечен имот, а ќе го напушти со милионски имот.
-На Скопје не му треба Шилегов кој нема ниту една капитална инвестиција, но затоа гради приватно за себе кај ќе стигне. И на Маврово и во Карпош. Добро е што во СДСМ се свестуваат дека ќе губат во Скопје, стои во реакцијата на најголемата опозициската партија.
Шилегов во емисијата изјави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се крие позади независната кандидатка Данела Арсовска.
-Госпоѓата Арсовска, свесно или не, помага на опозицијата да се сокрие позади нејзе, затоа што пред моето доаѓање, 27 управуваа со градот и сите аномалии кои што се појавуваат се од нивното невладеење. Моето лично мислење е дека ВМРО-ДПМНЕ нема три чисти да излезе со свој кандидат и се крие позади Арсовска. Не знам и не верувам дека мои поддржувачи ќе гласаат за неа, но убеден сум деа токму поради тоа што го направивме за градот во изминатите 4 години дека многу поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за мене на изборите, рече Шилегов.