СДСМ треба да се срами да го стави зборот „Онкологија“ во соопштение, зошто се директно виновни за страдањето на десетици луѓе, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Крадењето на цитостатици, кои наместо за болните од рак завршувале на црн пазар за продажба е директна одговорност на СДСМ, тврдат од Белата палата.
„Која црна истрага се води, кога и после недела дена од случајот сите потенцијално одговорни и виновни се на слобода на своите работни места со можност да влијаат на истрагата?
Дали некој во СДСМ мисли дека народот е целосно несвесен и го потценува?
Јасно е дека врвот на власта со Ковачевски знаел за случувањата на Онкологија, не може да има 20 милиони евра минус на Клиниката, а никој да не се запраша зошто.
Сведочењата на семејствата на жртвите се доволен индикатор дека системот во целост е трул и е потребен рестарт“, се додава во реакцијата од партијата на Мицкоски.