ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција по обвинувањата на СДСМ за предлогот Трајко Славески да биде нов гувернер на Народната банка. Од СДСМ наведоа дека предлогот со актуелниот претседател на Советот на Град Скопје е „теснопартиски“.
-Забораваат дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДС. Господинот Петар Гошев, кој, исто така, претходно бил пратеник во Собранието на Република Македонија во два собраниски состави, остана на гувернерската позиција цели 7 години.
Исто така, сакаме да ги потсетиме СДС; дека професорот Трајко Славески своевремено во раните 1990-ти години остро го критикуваше грабежот на општествениот капитал што го изврши тогашното раководство на СДС, во полза на македонските олигарси. Со тоа стотици илјади работници останаа без работа и без средства за егзистенција. Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојуз на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило „Трудбеник“ во 1995 година го прогласи за „економист на годината“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата на Христијан Мицкоски, Славески секогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи за интерес.
Универзитетскиот професор, поранешен министер за финансии и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, е изборот на претседателката на државата за нов гувернер на Народна банка. Предлогот е доставен до Собранието, за да помине е потребно просто мнозинство. Левица и СДСМ рекоа дека нема да го поддржат предлогот.