По СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ излезе со утринско соопштение. Од партијата на власт обвинија дека „додека ја краделе државата СДСМ, Заев и Ковачевски потрошиле и 280 илјади евра за Фејсбук реклами“.
Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, екс-владеачката партија и екс-премиерите дале 280 илјади евра за да ја, као што истакнуваат, „покријат одговорноста и за модуларната болница во Тетово, и за Дурмо Турс и за тендерите на Васко Ковачевски, и за сите криминали и рекети кои ги направија“.
-Наместо за народот, СДСМ, Заев и Ковачевски потрошија 280 илјади евра за нивните лаги и манипулации, стои во партиското соопштение.
Од СДСМ вчера објавија дека премиерот Христијан Мицкоски само за едно видео објавено на социјалната мрежа ФБ плаќа по 600 евра. Од таму велат дека тој јавно говори дека не пробал цреши, но затоа пак, тајно, месечно троши илјадници евра за реклами на Фејсбук.
Според, опозициската партија, „за Мицкоски поважно е да фрла илјадници евра за лајкови, да се слика и да се снима, а за граѓаните баш му е гајле, нека се мачат како ќе го поминат месецот“.
Околу најавите за менување на методологијата при пресметката на минималната синдикална кошничка, премиерот пред неколку дена изјави дека ја читал досегашната методологија и забележал неколку чудни работи, како на пример, во месец јануари ги имало производите како диња, лубеница, грозје, кајсии… „Не ги пробав“, признава премиерот.
-Не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари…Нелогично е да имате цигари во минимална кошничка. За да не бидеме тие кои што не го надсихронизираат она кое што е работено од Синдикатот, а оценувано од двајца поранешни министри на СДСМ – Никола Поповски и Тевдоски, рековме ајде да вклучиме лица од сите области и сите заедно да ја формираме минималната потрошувачка кошничка. Цените да не бидат од еден од поекслузивните маркети, туку бидејќи е минимална, од тие кои што се со пониски и поскромни цени, да избереме средина и така да ја пресметуваме кошничката. Може ќе биде поголема, но, можеби и помала. Јас во месец јануари не пушам цигари, не испив лименка нескафе, не знам како изгледаат праски, кајсии, ниту грозје. Ценам дека треба да има интервенција. Вака сега не можеме, кажа Мицкоски на прес-конференција.