ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека освоила 550 советнички места или 2,5 пати повеќе од СДСМ

-ВМРО-ДПМНЕ на овие избори доби околу 325.000 гласови за градоначалници, а на советничките листи приближно до 302.000 гласови. Споредбено со 2021 година и локалните избори, очигледен е растот на гласовите, истакнуваат од партијата на Христијан Мицкоски

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори. Со 50% подобар резултат од 2021 година каде што имавме 22 градоначалници во прв круг, сега во прв круг доби градоначалници во 33“ – велат од најголемата владеачка партија преку соопштение утрово.

На овие локални избори, додаваат оттаму, ВМРО-ДПМНЕ победи и во бастионот на СДСМ– Струмица.

-Делчево, Берово и Старо Нагоричане се општини каде што локалната власт ја водеше СДС и каде што граѓаните, кадрите на дуото Заев-Филипче ги испратија во “пензија“.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори доби околу 325.000 гласови за градоначалници, а на советничките листи приближно до 302.000 гласови. Споредбено со 2021 година и локалните избори, очигледен е растот на гласовите, истакнуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

Во нивното соопштение се додава дека имаат освоени 550 советнички места во општинските совети, а од друга страна СДСМ има 230 советнички места, или 2,5 пати помалку.

-Историскиот резултат од овие избори, покажува дека граѓаните го направија вистинскиот избор за секое, маало, за секоја општина, за државата да продолжи да се движи напред.

Оваа историска победа и доверба од граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ и за избраните градоначалници и советници, претставува  чест, но и обврска да продолжи посветената работа за развој и напредок на Македонија, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.