Послушните судии партиските соопштенија на СДС ги преточуваа во судски одлуки, носејќи драконски казни за политички монтирани случаи. Таков е и примерот со судијката Даниела Алексовска Стојановска која за монтиран случај против ВМРО-ДПМНЕ пресуди драконски казни, а од затвор спасила лице кај кое било пронајдено значително количество дрога, кој по нецела година одзеде млад живот на скопските улици, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за судијката која на 31 Јули 2024 пресудила воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укинала притворската мерка и сега веќе притворениот Васил Јованов се нашол на слобода.
Според партијата, судијката Алексовска Стојановска е кадар на СДСМ, бидејќи, како што велат, во нејзината куќа бил сместен партиски штаб. Додаваат, поточно, дека во куќа во сопственост на таткото на судијката е сместен општинскиот штаб на СДСМ во Ранковце.
-Таа е судијка која требала да биде непристрасна и да работи согласно закон, без политички влијанија, но наместо тоа, не само што во нејзиното работење била пристрасна и судела по партиски директиви, туку во нејзиниот дом во Ранковце го сместила општинскиот штаб на СДС, стои меѓу другото во соопштението од „Белата палата“.
Од СДСМ вчера порачаа дека „срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан, кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија“. Од партијата на Венко Филипче информираа дека судијката Алексоска Стојановска е „избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година“.
-Таа е дел од фамозното „тефтерче“ на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството. Граѓаните добро знаат како се избираа судии тогаш и чии кадри се тие, стои во пораката од „Бихаќка“.
Апелациониот суд Скопје, пак, уште не одлучил по жалбата што ја поднело ОЈО Скопје за воспитно-поправната мерка за дилањето дрога на Јованов. Жалбата стигнала таму пред 2 месеца.
-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека во Судот е оформен предмет заведен под КЖ- 1047/24, а по повод изјавени жалби од обвинетиот В.Ј. од С. и Основното јавно обвинителство Скопје, против решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое према обвинетиот В.Ј. од С. е изречена заводска мерка – упатување во Воспитно поправен дом – Тетово. Предметот во Апелациониот суд Скопје е примен на 07.11.2024 година, по заведувањето и извршена автоматска распределба, предметот е доставен до Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно одредбите на Законот за кривична постапка, од каде е вратен во Судот на ден 27.11.2024 година, кажа Апелациониот суд дека Вишото јавно обвинителство Скопје веднаш одговорило.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина Кулакова. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. Недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство и сторител на повеќе сообраќајни прекршоци за што бил упатен во казнено поправен дом.