ВМРО-ДПМНЕ го осуди фактот што нивниот пратеник Бране Петрушевски е осуден за став искажан на собраниска говорница, додавајќи дека ова е првпат во историјата на плурализмот пратеник да е осуден за став.
-Како и Уставот така и Законот за граѓанска одговорност и клевета, член 7 е јасно дека нема одговорност ако изјавата е дадена во работата на Собранието. Просто е неверојатно судија наместо да суди според законот, суди по партиска наредба, велат од најголемата опозициска партија.
Од партијата на Христијан Мицкоски го поврзуваат настанот со извештајот на ЕК за напредокот на земјава кон полноправно членство во ЕУ.
-Да биде потрагично, пресудата за пратеникот Петрушевски доаѓа во време кога Македонија го доби најлошиот извештај од Европската комисија, извештај во кој судството практично е оценето со единица без напредок и без имплементација дури на минатите препораки, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски, како што е наведено во пресудата, во својот говор го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски и му ја повредил честа. Порача дека нема да го уплашат и замолчат и дека дополнително е мотивиран.
-Јавно им кажувам, ниту ќе ме уплашат, ниту ќе ме замолчат, ниту ќе ме запрат да им ги кажувам криминалите дирекно в очи. Уште помалку пак ќе ме присилат да им ги гласам уставните измени. Напротив, само уште повеќе ме мотивираат. Нека се подготват наредниот период да преживуваат уште посериозна „душевна болка“, објави Петрушевски на социјалните мрежи.
Пратеникот Костовски истакна дека во неколку наврати бил навредуван од Петрушевски и биле изнесувани невистини и клевети кон него и дека е повреден поради тоа.
-Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив, за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот. Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди. И на крај од секој од нас зависи како ќе се однесуваме на говорница, на емисија, на прес-конференција, да се бориме со идеи не со лаги и навреди, напиша Костовски.