ВМРО-ДПМНЕ: Сметките за струја ќе се зголемат и до 400 денари

од Nikola Popovski
264 прегледи

Власта излажа дека цената на струјата нема да се покачи. Од први јануари граѓаните ќе плаќаат поскапа струја, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека покачувањето е за скоро 3% во третиот блок што значи дека на сметка од 4000 денари, ќе се плаќаат нови 120 денари.

-Ако на покачувањето се додаде и новата такса која власта ја нарече мрежарина и е во висина до 250 денари, за граѓаните со два објекти, тогаш доаѓаме до заклучок дека кумулативно покачувањето изнесува и до 400 денари месечно, посочуваат од најголемата опозициска партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, од 2017 до денес цената е покачена за 50% или во бројки, за сметка од 2000 денари во 2017 година, сега се плаќаат 3000 денари.

Струјата поевтинува за првиот блок за 5,16 отсто, во вториот блок и евтината струја остануваат исти, а за третиот и за четвртиот блок струјата поскапува. Во третиот за 2,88 отсто, а во четвртиот за 1,86 отсто.

Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вчера подетално објасни како ќе се применува новата цена на електричната енергија на сметките кај граѓаните, после 1-ви јануари. Според Бектеши, ако на сметка од 2000 денари, ако тарифата за дистрибутивна мрежа е моментално речиси двојно од тоа што се плаќа за електрична енергија, таму има намалување од 27%.

-Намалување од 27% на 1000 денари е 270 денари. Ако плаќаш надоместок од 200 денари, имаш намалување за 70 денари. Да не зборуваме за сметки што се повеќе од 1000 денари, рече Бектеши на вчерашната прес-конференција во Владата.

Слични содржини