ВМРО-ДПМНЕ: Со 40 амандмани го заштитивме зголемувањето на платите, зошто Трендафилов молчи за фактите од 2024?

„ВМРО-ДПМНЕ поднесе повеќе од 40 амандмани, меѓу кои и клучниот предлог минималната плата да остане составен дел од формулата за пресметка. Со тоа се обезбеди и понатаму платите да растат линеарно со растот на минималецот“, велат од „Белата палата“

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Утрово преку соопштение, ВМРО-ДПМНЕ информира дека СДСМ и ДУИ во 2024 година предложиле пакет законски измени со кои суштински ќе се менуваше методологијата за пресметка на платите. Според партијата на власт, со тие измени се предвидуваше минималната плата да се изземе од формулата за пресметка на платите на административните службеници иако таа беше дел од колективниот договор потпишан меѓу ССМ и тогашната влада.

-Тоа ќе значеше дека идните покачувања на минималната плата нема автоматски да влијаат врз останатите плати во јавниот сектор. На тој начин ќе се прекинеше линеарниот раст и ќе се ослабеше заштитниот механизам за работниците.

Друг факт е дека финалната верзија на измените не беше објавена на ЕНЕР, а синдикатите информираа дека со предлог-законот се запознале преку веб-страницата на Собранието. Немаше суштинска јавна расправа, ниту вистински дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет.

Во тој момент реагираше тогашното раководство на ССМ. ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозиција поднесе бројни амандмани со цел да се спречи донесувањето на ваквото решение. ВМРО-ДПМНЕ поднесе повеќе од 40 амандмани, меѓу кои и клучниот предлог минималната плата да остане составен дел од формулата за пресметка. Со тоа се обезбеди и понатаму платите да растат линеарно со растот на минималната плата, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ и го прашуваат „претседателот на ССМ зошто премолчува и не го не го кажува тоа“.

Од „Белата палата“ се децидни дека ВМРО ДПМНЕ тогаш не дозволи, со скратена постапка и европско знаменце, да се донесе решение што ќе беше на штета на работниците.

-ВМРО ДПМНЕ е на страната на работниците. Токму затоа за 10% се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20% повисоки плати, додека преку посебни колективни договори, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување.

Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира системско покачување на платите за 40% до 2028 година, стои во партискиот став од најголемата владејачка партија.

Барањата за повисок минималец ја разбрануваа темата. Според експертската фела, ако порасне минималната плата на 600 евра, ќе се подгрее инфлацијата, односно ќе има повисоки цени.

Според економистите, примамливо звучи примањата да се зголемат за 50%, но ако тоа не е поткрепено со зголемена продуктивност, ќе има негативни ефекти во економијата.

Државната статистика објави дека месечната инфлација во јануари се намалила за 0,7%, што според стопанството е добар индикатор, иако на постојат ризици, како домашни, така и глобални.