ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите која во форма на повик преку социјалните мрежи се најавува за во петок, 31-ви јануари. Од партијата на власт тврдат дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата. Сметаат дека „дивеењето на маркетите мора да прекине“.
ВМРО-ДПМНЕ очекува и Владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените. Според партијата, како што тврдат, се богатат 5-6 сопственици на маркети преку нереални зголемувања на цените и злоупотреба на позицијата во општеството.
Од Левица во став за „Локално“ порачаа дека бојкотот е легитимна форма на граѓански притисок, особено кога се соочуваме со манипулативно однесување на крупниот капитал и трговските монополи. Димитар Синдилиев од секторот Политичка економија на партијата истакна дека она што го видовме во Хрватска е пример за тоа како организираниот отпор може да предизвика реакција од трговците. Бараат системски мерки од Владата. Според партијата на Димитар Апасиев, ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, Левица ќе размисли за покренување слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија.
За разлика од нив, СДСМ не кажа дали го поддржува бојкотот на маркетите. Ја обвинија Владата дека не ги заштитила граѓаните.
На социјалните мрежи низ земјава се споделува фотографија која повикува на бојкот на маркети на ден 31.01.2025 (петок) под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“.
Граѓаните на Босна и Херцеговина и Црна Гора преку социјалните мрежи се повикуваат на 31 јануари да ги бојкотира продавниците, бензинските пумпи, кафулињата и рестораните, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард. Апелот уследи по успешната граѓанска акција во Хрватска.