ВМРО-ДПМНЕ со реакција за летањето на Заев и Филипче со хелихоптер до Прилеп

од Andreja Salpe
293 прегледи

Премиерот Зоран Заев со министрите Венко Филипче, Јагода Шахпаска и Благој Бочварски денеска со хеликоптер на МВР слетаа во Прилеп на настани, во рамки на задолжителните месечни летови, т.е. за да не оди хеликоптерот празен.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со остра критика, бидејќи летале со хеликоптер од Скопје до Прилеп. Летањето со хелихоптер е скапо и чини стотици вакцини, велат од партијата.

„Денес во Прилеп пристигна Зоран Заев, ни помалку ни повеќе, со хеликоптер. Во Прилеп имаме до денес 333 наши сограѓани починати и повеќе од 7 100 заболени од ковид-19. За ниту еден од нив не полета хеликоптер, но затоа хеликоптер се крена за Заев и Филипче. Денеска Заев заедно со Венко Филипче леташе од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Ова е невиден скандал и срам. Тие возат мотори и кога умираат по 30-тина луѓе на ден, министри шетаа во Дубаи и Мексико кога тука луѓето се борат за живот, а сега летаат со хеликоптер на државна сметка. Едно леташе со хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали, но Заев и Филипче наместо за борба против ковид-19, пари трошат за летање со хеликоптер“, изјави Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството вели дека премиерот и најблиските соработници со денешниот хеликоптерски превоз заштедиле време за другите обврски во Владата.

„Причината за користење е поврзана со обврските и агендите на премиерот и министрите и потребата од рационализација на времето со цел секој од нив на време да ги заврши планираните теренски обврски и на време да може да се врати во Скопје за редовните владини и кабинетски обврски“, се наведува во одговорот.

Слични содржини