ВМРО-ДПМНЕ: Соодветен и задоцнет потег е одлуката за забрана за влез на Ковачев

од Nikola Popovski
323 прегледи

Соодветен и задоцнет потег е одлуката да не се дозволи влез во земјава на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“ како реакција на настаните од саботата 6-ти мај кога му беше забранет влез во Македонија на европатеникот.

Како што истакнуваат од партијата, реакцијата на властите покажува две работи и според нив, двете се погрешни.

-Прво, ако некој што не ги исполнува условите да биде добредојден гостин во земјава и тоа можело да се случи пред 2-3 дена, се поставува прашањето зошто истото не можело да се случи пред 2, 3 или 4 години кога се разгореа страстите и се случија одредени понижувања кај македонскиот народ, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека втората е грешката со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

-Од август 2017 година, кога беше потпишан овој договор, секој месец како две земји докажуваме дека по неговото потпишување, нашите односи само се влошуваат, а во тоа е и апсурдот, вие потпишувате договор за пријателство и добрососедство, а се случуваат двојно повеќе кавги и недоразбирање, се вели во ставот на најголемата опозициска партија.

Одбивањето за влез на Ковачев наиде на остра осуда и негативни реакции од ЕУ, поточно од првиот човек на ЕНП, Манфред Вебер, претседателката на ЕП, Роберта Мецола и еврокомесарот Оливер Вархеји. Меѓу другото, Мецола и Вархеји најавија дека ќе побараат објаснување од македонските власт за ваквата одлука.

На 6-ти мај, петмина бугарски државјани, меѓу кои европратеникот Ковачев и претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски биле запрени на граничниот премин Ново Село. Тие се упатиле кон бугарските воени гробишта кај струмичко Ново Село. Настанот на кој требало да учествуваат е панихида по повод празникот Ѓурѓовден. Од македонското МВР потврдија дека не бил дозволен влез поради неисполнување на условите за влез во државава, согласно законот за странци.

-Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата, порачаа од МВР.

Самиот Ковачев денеска најави ќе бара јасно објаснување, но и извинување за тоа што му се случило во саботата. Тој истакна дека пред неколку дена со министерот Бујар Османи имал пријателски разговор.

Засега нема реакција од Министерството за надворешни работи.

Н.П.

Слични содржини