ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски ја загрозил безбедноста на илјадници возачи, бараме ЈО да постапи

Спасовски вчера реагираше и во целост ги отфрли наводите во кривичната на МВР. Порача дека не го изненадуваат ваквите методи и оценува дека „на сцена се враќа МВРО-ВМРО“

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку прес-конференција соопшти дека екс-министерот за внатрешни работи и актуелен пратеник, Оливер Спасовски овозможил противзаконско богатење на фирма во Сарај, со што фирмата се здобила со противправна имотна корист во висина од над 5,5 милиони денари.

Партијата прашува што се крие и зошто Спасовски не постапил за одземање на овластувањата на техничкиот преглед во Сарај?

-Дали зад заштита на Спасовски стои нешто друго? Колку возила кои ја загрозиле безбедноста во сообраќајот ја поминале контролата на истиот овој технички преглед? И колку од нив немало да поминат на друго место?

Оливер Спасовски ја загрозил безбедноста на илјадници возачи низ државата. Во оваа насока, го повикуваме ЈО веднаш да постапи, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Спасовски вчера реагираше и во целост ги отфрли наводите во кривичната на МВР. За „Локално“, порача дека не го изненадуваат ваквите методи и оценува дека „на сцена се враќа МВРО-ВМРО“.

Спасовски за кривичната: ВМРО-ДПМНЕ сака да го отргне вниманието од темите како трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба

МВР објави дека Спасовски делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи.

-Истиот, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл. 65 ст. 3 од Законот за возила и чл. 5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила, соопштија вчера од полицијата.