ВМРО ДПМНЕ: Судскиот совет ја потврди својата улога во заштита на судија, за нив живот вреди само две години затворска казна

од Љубиша Владимиров
21 прегледи

Членовите на Судскиот совет, и покрај изгласаната недоверба, продолжуваат да ја оправдуваат неодамнешната пресуда од две години затвор за возачот кој прегази 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин. Оваа постапка предизвика остри критики од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која истакна дека судството повторно не работи во интерес на правдата и граѓаните.

„Со својата одлука, Судскиот совет ја потврди својата улога во заштита на судија кој смета дека човечкиот живот вреди само две години затворска казна. Тие го штитат судијата и ја покриваат неговата срамота, додека правдата е на колена“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека членовите на Судскиот совет, избрани од претходната влада предводена од Зоран Заев, продолжуваат да ја газат правдата и да ја уриваат државата. Тие потсетија на причините за изгласување на недоверба кон членовите на Советот, нагласувајќи дека, наместо да поднесат оставки, продолжуваат да делуваат без срам, морал и интегритет.

Судскиот совет разгледа пресудата за возачот, кој беше осуден на две години затвор по смртното прегазување на Теодора Ристевска во август 2022 година. Според правната регулатива, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот само ако тој поднел жалба. Во овој случај, само обвинетиот поднел жалба за намалување на казната.

Првично, возачот Пајазити бил осуден на 3,5 години затвор, но по жалбата, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години. Врховниот суд потоа ги укина двете претходни пресуди и го врати предметот на повторно судење, што заврши со конечна пресуда од две години затвор.

Објавувањето на последната пресуда предизвика бурни реакции во јавноста, а Судскиот совет побара увид во одлуката и ја оправда.

Слични содржини