Тоа што секоја фирма може да добие тендер говори дека институциите се слободни, а постапките транспарентни, а не наместени како со СДС, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Според најголемата владеачка партија, ИРД не е фирмата на Сотир Ампов, ниту фирмата која од фирма за долна облека станала надзор, туку фирмата која била во конзорциум со истата.
-Тоа што МЖ Инфраструктура овозможила фер и транспарентна постапка во која може да добие и фирма со која СДС ја искористила во правење на разни бизнис шеми говори за тоа дека директорите во институциите поставени од ВМРО-ДПМНЕ не се занимаваат со местење тендери на подобни или неподобни фирми.
Сите фирми имаат еднакви шанси да бидат избрани доколку условите кои ќе ги понудат се конкурентни.
А што се однесува за фирмите на Сотир Ампов, Електра солушн и Институт за патишта, остануваме на нашите ставови и очекуваме ЈО да постапи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Кузеска рече дека додека беа опозиција, „Мицкоски, Николовски, Стојановски и цело ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес конференции со обинувања за ИРД Инженеринг, фирмата надзор за автопатите од страна на Бехтел Енка“.
-Ова за ВМРО-ДПМНЕ беше „епски криминал“ „лош надзор“ „сомнителна компанија“. Денес со истата фирма, ИРД Инженеринг, за која велеа дека е епски криминал, сомнитена, и така натаму владата на Христијан Мицкоски склучила Договор за надзор, кажа портпаролката на СДСМ, дополнително прашувајќи „како тоа сите фирми што вчера беа „сомнителни“ стануваат нивни најблиски деловни сојузници?“.