„За каква одговорност зборува СДС кога за седум години власт тие не обезбедија учебници за ниту едно дете, ниту пак беа способни на крај на учебната да издадат свидетелства. Тоа што СДС треба да направи е да им се извинат на учениците, наставниците, професорите и на цела македонска јавност што не решија ниту еден проблем во образованието“ – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението од СДСМ дека министерката Весна Јаневска треба да преземе вина што нема учебници за сите ученици, иако претходно се убедуваше во спротивното.
Како што велат од партијата на Христијан Мицкоски, единствен реализиран проекти во образованието и решен проблем во време на власт на СДСМ е „експресното, за една недела, доделување лиценца за универзитетот на Рамиз Мерко за отворање Факултет за здравствени науки“.
-Цели седум години СДСМ го деградираше и уништуваше образованието, учениците ги оставија без книги, а наставниците и професорите без соодветни услови и примања.
Оваа учебна година 2025-2026 е прва година која започна и со учебници по странски јазици, нешто што СДС, исто така, за седум години не успеа да го реши.
Со Владата на ВМРО-ДПМНЕ и наставниците и професорите го добиваат заслуженото за нивниот вложен труд во образување на идните генерации.
До сега платите на сите вработени во образованието се зголемија за 12% и истите ќе продолжат да растат и во иднина, така што заклучно со март 2028 година ќе пораснат за околу 50%, порачаа од „Белата палата“.
Во текот на денот, СДСМ информира дека министерката за образование Весна Јаневска, по неколкунеделните манипулации и уверувања дека на 1 септември секое дете ќе добие учебници, конечно ја призна вистината – учебници за сите ученици нема.
-Со ова, министерката директно си ги потврди лагите и манипулациите со јавноста. Прво тврдеше дека „сè е подготвено, сè е под контрола, учебници на 1 септември ќе има за сите ученици“, потоа обвини дека СДСМ лаже, за да на крај под притисок на јавноста и на фактите, ретерираше и го призна она што СДСМ го тврдеше – дека учебници за сите нема, кажаа од „Бихаќка“.
СДСМ бара одговорност од Јаневска затоа што ги „остави учениците без учебници“
Математика за четврто одделение и историја за осмо одделение се двата учебници кај кои има најголем недостаток со што не се исполни најавата дека за секој ученик ќе има учебници. Се делат и оштетени учебници, а од МОН вината ја лоцираат кај училиштата кои треба да ги пријавуваат таквите учебници за да бидат заменети но и да наплаќаат штета.