ВМРО-ДПМНЕ тврди дека откако се на власт, платите во општините се зголемени за околу 5.000 денари

„Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст“, велат од таборот на Христијан Мицкоски

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, соопшти партијата на власт. Оттаму велат дека приоритет на Владата е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност, наведуваат во денешното соопштение.

„Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка.

Таквата промена ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени. Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“, нотираат во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ во својот партиски став тврди дека откако се на власт, во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари.

„Во основното и средното образование зголемувањата се движат од 46% до 60% во период од четири години. Во високото образование платите се повисоки за најмалку 14%.

Во здравството растот изнесува меѓу 40% и 50% во рамки на еден мандат. Полициските службеници добија покачување од 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административни, судски и обвинителски службеници имаат обезбедено раст од 40% до 2028 година. Колективните договори се почитуваат, а исплатата на платите е редовна.

Инфлацијата е стабилизирана во однос на претходните двоцифрени стапки. Ова се системски и одржливи решенија, а не ад-хок мерки. На овој начин ја спроведуваме обврската кон работниците“, уверуваат од таборот на Христијан Мицкоски.

Од ССМ предупредија дека ниту видеата, ниту следењата, заокружувањата со фломастер на тие кои протестираат, нема да ги заплаши и дека се надеваат дека ќе победат во оваа синдикална битка за поголеми права и поголеми плати за работниците.

Синдикатите ѝ дадоа рок на Вадата до крајот на овој месец да се договорат за зголемување на платите, а на голем протест повикуваат во првата половина на месец март, пред законското усогласување на минималецот.