ВМРО-ДПМНЕ тврди дека платите растат на секое поле, ги обвинија СДСМ дека се „паднати од марс“

од Nikola Popovski
40 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ го критикува СДСМ дека се однесуваат како да се „паднати од марс“ откако од најголемата опозициска партија обвинија дека вртоглаво растат трошоците за живот. Партијата на власт потенцира дека инфлацијата денес е намалена на 3,5% за разлика од оние 20% во време на СДСМ.

-Платите растат на секое поле, во образование, здравство, МВР, Армија, СОЗР, Финансии и во администрацијата.  Економијата во државата оди во правилна насока. Трошоците се намалија преку новогодишната кошничка на Владата. Стапката на БДП е 3%. Сите анализи покажуваат дека се движиме напред. Но, за се треба време, стои во партиското соопштение.

Претходно од партијата на Венко Филипче рекоа дека две минимални плати, веќе повеќе месеци, не се доволни за покривање на основните потреби. Обвинија дека погрешните економски политики на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги збогатија елитите, додека народот осиромашува.

-СДСМ секогаш била и ќе биде на страната на работниците и во најтешките кризи, не заборавивме на работниците. За прв пат Владата на СДСМ ја зголеми минималната плата во државата за 100 проценти во однос на 2016 година, односно на сегашните 22.567 денари, додека просечната месечна нето-плата од 22.460 денари, се зголеми на 42.000 денари. И сега, СДСМ е страна на работниците. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги поддржува барањата за зголемување на минималната плата на 31.500 денари, стои во соопштението од „Бихаќка“.

Јануари го истенчи џебот на граѓаните. Некои се жалат дека не можат да врзат крај со крај во месецот што им се чини како најдолг, други велат дека домаќински го планираат домашниот буџет, трети реагираат дека по завршувањето на новогодишната кошница, трговците ги вратиле старите цени.

Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе има полни раце работа. Се внимава дали се почитува Законот за спречување нефер трговски практики.

До Нова година беа оформени 50 предмети поради кршење на Законот за нефер трговски практики. Казните се и до 20 илјади евра.

Слични содржини