ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ прави хистерија: Во ПЕТ центарот двојно се намалени листите на чекање

од Nikola Popovski
25 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ утрово соопшти дека срамно е СДСМ да зборува за пациентите за кои, како што велат, не само што ништо не презема, туку ги лечеше со вода и остави листи на пациенти кои со години чекаат токму за ПЕТ скен. За разлика од нивното невнимание и негрижа денес, додаваат од најголемата владечка партија, овие листи се двојно намалени од раководството на ПЕТ центарот.

-Станува збор за редовен сервис за промена на хепа филтри кои покажале заситеност и без кои процесот не може да тече, а за секоја промена законски мора да се направи реквалификација на чистите соби во одделеот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици, а истовремено оваа процедура е неопходна за воведување нова метода во интерес на пациентите со цел зајакнување на дејноста. Истовремено оваа процедура е неопходна за воведување нова метода во интерес на пациентите со цел зајакнување на дејноста.

Од страна на новото раководство на ПЕТ центарот, веднаш беше направен нов динамичен план за надминување на затекнатиот проблем со листи на чекање во оваа установа, наведуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

СДСМ вчера обвини дека откако веќе со недели недостасува биолошката терапија на Клиниката за онкологија, сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер. Според Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, поради ова, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање.

-Министерот за здравство, Арбен Таравари и Владата на ДПМНЕ покажуваат целосна неспособност во управувањето со здравствениот систем, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и пациентите. СДСМ бара одговорност од директорката Невена Маневска и од министерот за здравство, кажа меѓу другото Цветановски.

Директорката на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска, вели дека единствениот државен ПЕТ-центар не работи три недели поради неопходно сервисирање и оти за тоа било информирано Министерството за здравство. Маневска вели дека ПЕТ-центарот од петок веќе ќе продолжи да си функционира нормално.

„Десет години не беа сменети ХЕПА-филтрите во ПЕТ-центарот. Поради нивна презаситеност и затекната нарачка на погрешни филтри, мораше да се набават соодветни со што процесот во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици ќе тече непречено“,
вели Маневска во изјава за МИА.

Таа додава дека наредниот месец е планирано да се зголеми бројот на прегледи, со цел да не страдаат пациентите. Здравствениот персонал веќе бил информиран за тоа.

На Клиниката за онкологија се повторува проблемот со недостиг на лекови, административни и тендерски процедури, и покрај тоа што Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ѝ одобри дополнителни пет милиони евра на оваа клиника за 2024 година. Краток период недостигаа шест лекови. Пациентите бараат надлежните да најдат решение, апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.

За да се стави крај на проблемите што се провлекуваат со години неопходен е регистар на болни од канцер. Така ќе се знае колку пациенти треба да примаат биолошка терапија. Од Фондот велат – не се проблем финансиите, туку Буџетот несоодветно се планирал.

Слични содржини