ВМРО-ДПМНЕ: Уставните измени и менувањето на државниот грб се два различни процеси

од Nikola Popovski
176 прегледи

Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“ како одговор на вчерашниот предлог на професорот и поранешен пратеник, Александар Спасеновски.

Од партијата додаваат дека „сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат“.

-Уставните измени и промената на грбот се оделни процеси и било какво нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб за кој веќе постои консензус во минатото, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Спасеновски вчера даде креативно решение за ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени, а тоа е да се направи промена на државниот грб, како отстапка која би ја направиле другите партии.

-Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измен, рече Спасеновски во вестите на Тв Сител.

ВМРО-ДПМНЕ засега останува на ставот дека е против уставни измени и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата и одби да учествува во работната група која треба да ги подготви амандманите.

Неодамна беше обелоденет и предлогот за хрватски модел на Уставот, кој не помина позитивно меѓу останатите политички партии и јавноста.

Н.П.

Слични содржини