Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на предлог на лидерот и премиер Христијан Мицкоски, денеска ќе избира нов состав на Извршниот комитет и ново раководство на партијата.
Вчера во интервју, Мицкоски откри дека се укинува потпретседателската функција, а актуелните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на извршниот комитет. До следниот конгрес и избор на нов лидер, партијата ќе функционира само со генерален секретар.
Директорот на владината служба за општи и заеднички работи Ивица Томовски, пратеникот Драган Ковачки и актуелниот генерален секретар и пратеник Ѓорѓија Сајкоски се трите имиња кои се споменуваат како фаворити за нов генeрален секретар на владејачката партија.
Досегашните потпретседатели на партијата – Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Тимчо Муцунски, според најавата на Мицкоски, ќе бидат предложени за членови на Извршниот комитет.
Се очекува Централниот комитет да распише повик за избор на нови претседатели на Униите на ветерани, на жени и на Унијата на млади.
На следниот партиски конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во 2029 година, како што и претходно најави Мицкоски, партијата ќе има ново раководство и нов претседател.