ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ако дојде на власт ќе го доврши автопатот Кичево-Охрид до крајот на 2026

од Nikola Popovski
200 прегледи

Согласно направените анализи и градежните капацитети следната влада на ВМРО-ДПМНЕ до крајот на 2026 ќе го доврши автопатот од Кичево до Охрид, најавуваат од партијата на Христијан Мицкоски. Во партиското соопштение објавено утрово, упатени се повеќе критики кон актуелната власт, потенцирајќи дека за „седум години не направиле ниту еден километар автопат во Македонија“.

-Впрочем власта на СДС и ДУИ само ја зголеми цената на овој автопат до 600 милиони евра и не реализираше ниту 20% дополнителна градба. Во исто време новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доврши изградбата на експресниот пат од Градско, преку Росоман до Прилеп кој со правилен менаџмент и со јасен план ќе се финализира до 2026 година, стои меѓу другото во пораката од ВМРО-ДПМНЕ.

Автопатот започна да се гради на 22 февруари 2014 година. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и кинеската компанија. Тогашната власт вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, во 2018 година.

Пред автопатот Кичево-Охрид долг 57 километри, сега се испречија 13 нови свлечишта, за кои ќе се бара трајно решение од проектантски и технички аспект. Според државните ревизори ова е најголема и најскапа инфраструктурна инвестиција со децениска изградба.

Слични содржини