ВМРО-ДПМНЕ: Владата ќе ги одземе ингеренциите на општина Карпош за да се спроведе ДУП-от за „Алумина“

од Nikola Popovski
225 прегледи

Наместо урбано домување  и зелена агенда, бизнис пајташите ДУИ и СДС тераат бизнис интерес на штета на Карпош и на граѓаните. Во корелација со градоначалникот Јакимовски тие по секоја цена го туркаат бетонизирањето на Алумина, со што би му овозможиле на Пуцко Петрол 600 милиони евра бизнис, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Од партијата истакнуваат дека сопственикот на Пуцко Петрол е пратеник од владеачкото мнозинство, Исмаил Јаховски, кој во исто време е, како што велат, омилениот градежник на градоначалникот на Карпош.

-Се работи за сериозни милиони, кои веројатно се лепак и на политичка неформална коалиција. Очигледно 600 милиони евра не само што ја смениле зелената во бетон агенда, туку влијаеле и врз реториката на други субјекти кои сега изигруваат портпароли на компанијата која треба да гради бетонска џунгла во Алумина.  ДУИ, СДС и Јакимовски на сила решиле тоа да спроведуваат, иако јавноста, експертите и граѓаните се против. Според информациите кои постојат, а кои ниту Ковачевски, ниту Јакимовски не ги демантираат, во план е Владата да ги одземе ингеренциите на општина Карпош, со цел да се заобиколи локалниот совет и овој ДУП да се спроведе во корист на Пуцко. Со тоа Јакимовски ќе биде единствениот градоначалник кој барал одземање на ингеренции, само да му помине бетонизацијата, порачуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера преку социјалните мрежи го повика Тони Јаревски да каже од каде ја набавил дипломата.

„Што се однесува до проектот кај ‘Алумина’, сѐ што го интересира на седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ нека си го праша својот потпретседател Владо Мисаиловски-Кендо. Тој ги знае сите одговори и сите договори за ‘Алумина’“, додаде Јакимовски.

Земјиштето кај Алумина го купи компанијата Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ во 2020 за 18 милиони евра, односно 24 милиони евра со сите давачки. Фирмата сега си нарача урбанистички план за просторот на кој сака да гради станбено-деловен комплекс.

Граѓанската иницијативата Борба за Влае посочува дека жителите на Тафталиџе со години се жалат дека последните години, по вселувањето на новите „згради џинови“ од 9-15 ката на улица „Прашка“ и булеварот „8 Септември“, тие имаат проблем со водоводот, струја, засенувањето на нивните домови, струењето на воздухот, сообраќајниот метеж, паркирани коли на тротоарите, недостаток на слободни места во градинката и училиштето итн.

„Што ќе направи овој блок од 35 ката на населбата? Замислете како овие згради од 35 спратови ќе влијаат на сите жители. Каде ќе учат овие деца? Дали ќе имаат сенка луѓето северно од овие блокови со 108 метри висина? Како ќе се движат колите по улицата ‘Прашка’, знаејќи дека не смее да се изведе влез во гаража од булевар, а објектите на ‘Пуцко Петрол’ се на булеварот ‘8 Септември’ и ‘М.Т. Гологанов?’“, соопштува Борба за Влае.

Слични содржини