Македонија никогаш во својата историја откако е член на групата на држави во борба против корупцијата при Советот на Европа не добила негативен извештај од ГРЕКО. Очигледно е дека Зоран Заев и СДСМ стојат зад криминалот и корупцијата во државата. Причината за тоа е јасна, владата на СДСМ е дувло на корупцијата во државата, а партиските и државните функционери на СДСМ поим за корумпирани политичари, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
-Македонија не може да добие позитивен извештај за борбата со корупцијата од ГРЕКО кога самиот Зоран Заев беше амнестиран од судот за барање мито од 200 илјади евра од струмички бизнисмен додека тој беше градоначалник на општина Струмица. Иако целата јавност на дело го виде Заев како бара 1 евро за Вицето, 1 евро за Црквата, судот под притисок се реши да го амнестира Заев за криминал тежок 200 илјади евра. По примерот на Заев, органите на прогонот го преквалификуваа обвинението и за градоначалникот на СДСМ во Ново Село, Боро Стојчев за кој Заев повеќе пати кажа дека е негов личен пријател. Јавниот обвинител, исто како во случајот на Зоран Заев, недостасуваше само уште да му се извини што му го нарушиле мирот и го вознемириле додека тој криумчарел. Со ваква слика во правосудството ниту можеме да очекуваме, ниту треба да очекуваме позитивен извештај од Советот на Европа за справување со корупцијата во државата. Зоран Заев го користи државниот буџет како своја лична сметка, а грантовите и тендерите како валута за исплата на партиски и државни функционери, кои работат исклучиво за партиските интереси и се најзаслужни за урнисување на државните и национални интереси, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека нулата во економијата, Заев ја дополни со незадоволителна оценка единица во борбата со корупцијата. Не можеме да очекуваме ништо повеќе од криминалниот картел на власт кој единствено работи за своите интереси и се богати на грбот на обичниот граѓанин.
-Извештајот на ГРЕКО уште еднаш и потврди на целата македонска јавноста дека распродавањето на националните и државните интереси нема да приближи Македонија поблиску до ЕУ и НАТО. Патот на Македонија кон ЕУ и НАТО е блокиран не од македонското име, јазик и идентитет туку од корупциските скандали на функционерите на власта кои на изглед немаат крај. Крајот на корупцијата во Македонија ќе дојде кога Зоран Заев ќе ја напушти премиерската фотелја, крајот ќе дојде кога картелот на власта ќе замине во историјата. Тогаш независното правосудство ќе ги гони сите оние кои се огрешиле пред законот изминативе година дена и сите оние нивни колеги кои го амнестирале криминалот на функционерите на СДСМ. Само така и само тогаш Македонија ќе победи!, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.