Одговорност за целиот „хаос“ што го приреди владејачката СДСМ, околу спогодбата со Грција и претстојниот референдум бараат и најавуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако синоќа нивниот лидер Христијан Мицкоски, остави на секој граѓанин според своето убедување да гласа или не на референдумот на 30 септември.

Сметаат дека СДСМ предреферендумски ги манипулира граѓаните исто како што ги излажа пред изборите. Билбордите низ државата кои ветуваат бесплатно здравство кога ќе влеземе во ЕУ се лага. Во ЕУ здравството не е бесплатно, ЕУ не е комунистичка творевина, туку економски сојуз на држави каде се си има своја цена.
„СДСМ лаже и ја злоупотребува ЕУ, го погани нејзиното име за да ја оправда срамната капитулација која ја потпиша.
Владата на Заев ја понижи Република Македонија и ги урна преговарачките позиции кои беа градени со години од сите влади од независноста до денес. Погазено е и меѓународното право и Хашката пресуда во корист на Република Македонија“, велт од партијата.
Во соопштението се додава дека ВМРО-ДПМНЕ е за влез во ЕУ и НАТО, но не и за овој договор, кој не можеме да го прифатиме. Овој договор предизвикува само обврски и прави штета на Република Македонија и затоа ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати.
„Прашањето за промена на името не е прашање кое може да го реши било кој политичар, тоа е прашање за кое може да одлучи единствено народот, токму затоа на слободната волја на народот е како тој ќе се постави во однос на ова прашање.
СДСМ треба да престане да манипулира и да ги злоупотребува евроатлантските институции за да го турка нејзиното срамно капитулантско дело.
За целиот овој хаос што и го приреди СДСМ мора да сносат и одговорност. Одговорност ќе има“, се додава во партиското соопштение.