Инфлацијата во Македонија за 50% поголема од таа во Еврозоната, обвинуваат од најголемата опозициска партија. Според партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, бројките на ДЗС и Евростат покажуваат дека премиерот „Ковачевски лаже кога вели дека инфлацијата е увезена“.
-Во ЕУ истата е 4.3%, во Македонија во истиот период 6.6%, тоа е за 50% повисока инфлација. Тоа што народот можел да го купи со 500 денари пред да дојде СДС на власт, сега не може ниту со 1.000 денари. Цените постојано се зголемуваат, а платите не само што не се исти, туку бележат и пад, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инфлацијата во септември 2023 се намали на 6,6 проценти, според официјалните податоци. Ова е најниска стапка на инфлација во последните 20 месеци, откако стапката поттикната од војната во Украина, енергетската криза и нарушените синџири на снадбување, ја достигна највисоката вредност од 19,8 отсто во октомври лани.
Во август 2023 година, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски на месечно ниво за 0,6 проценти, а на годишно ниво за 1,2 отсто.