Тоа што можам да го кажам е дека во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука и дали ќе се учествува и евентуално со кои имиња би се учествувало во таква влада, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски запрашан дали неговата партија ќе учествува со свои министри во техничката влада, која треба да стапи во функција од крајот на јануари.
На новинарско прашање „Дали би го гласале Јован Митревски за претседател на Собранието“, Стоилковски рече дека тоа не важно во моментов.
-Тоа е не битно во моментот, важно е дека Талат Џафери по избор на Мала Речица и со една уцена од ДУИ кон СДС ќе биде премиер во следниот период без никаков легитимитет, истакна портпаролот на најголемата опозициска партија.
ДУИ вчера на состанок во Мала Речица го предложи Талат Џафери за технички премиер на преодната влада од 28-ми јануари до изборите напролет. Интегративците го овластија претседателот на партијата Ахмети да ги продолжи разговорите со политичките партии за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори.
Моделот на техничка или пржинска влада првпат беше воведен пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, за излегување од големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување. Техничката влада беше предвидена како преоден концепт, но остана да функционира во Изборниот законик и во Законот за влада. Прашањето, пак, за премиер Албанец го актуализираше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по изборите во 2020 година ветуваше премиер Албанец и се договори со СДСМ дека ќе се реализира идејата на 100 дена пред следните избори.
Во преодната Влада министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика предлага опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). На предлог на премиерот Собранието именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ), но и од опозицијата и тоа во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.
Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.