„СДС си продолжува со старата матрица на неосновани обвинувања и политички конструкции, без ниту еден конкретен доказ за незаконско постапување“ – вака од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на наводите за скандал поврзан со распределба на општински тендери. Според партијата на власт, сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од сите надлежни институции.
-Наместо да шири шпекулации и наводи од анонимни свиркачи, СДС треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за уништената доверба на граѓаните во институциите за време на нивното „успешно“ владеење, кога ја пљачкаа државата, ги уништуваа институциите и го осиромашуваа народот, за сега со украдените пари да тераат бизниси по светски дестинации како Дубаи.
Граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не импровизации за дневнополитички поени.
И за крај, СДС кога веќе зборуваат за фотеЉата на Орце, добро е прво нивниот АКТ тим да научи како се пишува зборот, затоа што кога не се знае правопис, тешко се држи лекција за политика, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, на прес-конференција откри дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ инкасирала неверојатни 16 милиони евра преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците добиени преку платформата „МИЦКО.мк“, Фрчкоски посочи дека оваа фирма е фаворит на локалните власти од редовите на владејачката партија.
Кажувајќи ги по општини, Фрчкоски рече дека само во скопски Аеродром оваа „омилена фирма“ има добиено 22 тендери, од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија.
Фрчкоски објави нова „бомба“: „51 тендер и 16 милиони евра за омилена фирма на ВМРО-ДПМНЕ“