„Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто коешто тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено. СДС изгледа мислат дека имаат многу јака тема за соопштение, па се фатија за вредноста на часовниците на претседателот Мицкоски“ – вака од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на соопштението на СДСМ за часовникот на премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ информира Мицкоски пред да влезе во политиката, престанува со било каков вид на бизниси и работење за приватни фирми.
„И што е најважно, се е чесно, транспарентно и до детал објаснето за неговите примања што ги имал. Од друга страна пак, го имаме Филипче и Заев, едниот хирург, другиот земјоделец од Муртино, кои пред да влезат во политиката се никој и ништо, а по нивното владеење или се уште активно појавување во политиката, се здобија со куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во индиски авиокомпании, фирми во и надвор од државата со сомнителен капитал, подароци од фирмите што добивале тендери во вид на автомобили, проценти од тендери, договори и слично.
Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал“, стои во партиското соопштение.
Претходно СДСМ соопшти дека согласно анкетниот лист за имотната состојба, Мицкоски има колекција од часовници вредни 60.000 евра. „Во Македонија минималната плата изнесува 396 евра, што значи дека часовниците на Мицкоски чинат колку 150 минимални плати“, велат од партијата.
Компанијата „IFL Watches“ објави какви часовници носат премиерите и лидерите на повеќето држави-членки на НАТО и колку чинат. На листата се наоѓа и премиерот Христијан Мицкоски. Анализирани се само 20 од претседателите или премиерите на земјите-членки на НАТО колку што можеле да се забележат.
Според објавата, Мицкоски носи „ IWC Portofino“ часовник кој чини 6.900 долари, Еди Рама, премиерот на Албанија е забележан со „Monblanc Star Chrono“ вреден 4.700 долари, а премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ носи часовник „Hamilton“ од 2.000 долари.