Власта на СДСМ и ДУИ е изгубена во просторот и одлепена од реалноста. За еднодневна прослава по повод Рамковниот договор ќе потроши над 70 илјади евра само за журка и пејачи, во време кога државата е во криза и кога во Тетово граѓаните немаат основни услови за живот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прославувањето на годишнината на Рамковниот договор.
-Додека тетовчани се без вода, десетици села во тетовско, гостиварско се без канализација, а арачиновци сеуште сонуваат за канализацијата која им беше ветена уште пред повеќе од 6 години, Ковачевски, Груби и останатите министри од најнеспобната влада ќе потрошат илјадници евра пари на граѓаните за забава, додаваат од партијата.
Од таму потенцираат дека немало пари за проекти и капитални инвестиции, а како што додаваат имало пари за приватна забава на Ковачевски и Груби.
-Во време на економска и енергетска криза, каде што илјадници граѓани остануваат без работа или не знаат како да го преживеат месецот власта реши да фрли пари за партиска прослава. Граѓаните на следните предвремени парламентарни избори ќе го казни ова неодговорно и криминално работење на СДСМ и ДУИ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Беше најавено дека на настанот ќе настапат Антониа Гиговска, Владо Јаневски, Нора Истрефи, Фифи, Ермал Фејзулаху, Кида и Луми Б, но потоа дел од медиумите јавија дека Гиговска го откажала своето учество, оти не знаела дека настанот има политичка конотација.
Освен концертот „PEACE FESTIVAL“, во рамки на одбележување на годишнината, се организира и Школа за млади лидери ,„Peace Forum Dialogue”. Школата се одржува во Маврово, а предавачи се Лидија Георгиева, Гордан Георгиев, Џелал Хоџиќ, Роберт Алаѓозовски, Јусуф Зејнели, Ризван Сулејмани, Ведије Раткоцери и Џабир Дерала.