ВМРО-ДПМНЕ за објавените сметки: Ако имало било што, СДСМ со зурли и тапани за 8 години ќе го објавеа и процесуираа

од Nikola Popovski
42 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прес-конференцијата на Мартин Костовски од СДСМ по објавените фискални сметки и фактури. Сметаат дека постои очај кај СДСМ и тоа се гледа во тоа што, како што велат, вадат сметки стари 8 години за да манипулираат за премиерот Христијан Мицкоски и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.

-Ако имало било што за претседателот Мицкоски и министерката Кочовска, СДС со зурли и на тапани изминативе 8 години ќе го објавеа и процесуираа. СДС манипулира со сметки, затоа што се очајни и не знаат каде тераат. Ако зборуваме за сметки и кафански ручеци и хотелски сместувања, првото место оди за СДС, нема да се спуштаме на тоа ниво да докажуваме кој што правел, доволно е да се погледне од Бисера Антоанета, преку Маричиќ па надолу, стои меѓу другото во ставот на најголемата владеачка партија.

Претходно од „Бихаќка“ објавија сметки и фактури од времето кога министерката Гордана Димитриеска-Кочоска била директор за финансии во ЕЛЕМ, а премиерот Христијан Мицкоски директор на истата државна компанија. Обвинија за аздисано трошење на народни пари.

-Првата фискална сметка е од ресторан во Белград, соседна Србија, вредна околу 100 евра, потпишана од Кочоска и Мицкоски. Што се јадело и пиело на сметка на народот – џони вокер – блек, дуњовача, поховани јагнешки шницли, зелка салата, ќебапи, крвав бифтек, чоколадно суфле, крем пита, вино, потпишани од Кочоска и Мицкоски во кафеана во Белград“, објави организацискиот секретар на СДСМ.

Опозициската партија објави и фактура за кетеринг-услуги во вредност од 110 илјади денари од ресторан во Скопје, фактура од 10 500 денари на сметка на ЕСМ од познат ресторан во Скопје, како и четири фактури од ресторан во Брвеница во вредност од 38 000 денари, 21 270 денари, 8 500 денари и 9 200 денари.

Министерката за финансии деновиве се најде во фокусот на јавноста по нејзиниот настап во Собранието за време на седницата за пратенички прашања во четвртокот, кога влезе во вербален судир со пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Поставувајќи прашања, Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство, Димитриеска-Кочоска место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба.

Слични содржини