ВМРО-ДПМНЕ за откритијата на СДСМ: Држат пресови за тоа кој и каде е вработен во приватни компании

СДСМ вчера објави, како што велат, скандал со фирмата „Дигитал оне“, формирана лани на крајот на август, со само двајца работници, а која за една година има добиено тендери од скоро девет милиони евра

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Локално

„СДС стигна до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал“ – вака велат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на СДСМ за наводна фирма со само двајца вработени, која била формирана лани, а веќе добила тендери во вредност од околу 9 милиони евра.

За да не биде скандал, велат од ВМРО-ДПМНЕ, „СДСМ да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде“.

-Вчера тврдеа дека прво вработениот во споменатата фирма бил роднина на Димче Арсовски и откако спинот им заврши на буниште смислија нов спин, за да се себе оправдаат. Ова е резултат на очајот и паниката, но пред сè безидејноста во редовите на СДС, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

Опозициската СДСМ денеска продолжи со објавување на информации за тендерите што ги добила фирма со двајца вработени блиска до ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција рече дека вториот вработен е Глигор Поцев кој бил сведок во случајот Таргет тврдина за уништувањето на опремата за масовно прислушување како вработен во УБК.

-А токму последниот договор со Владата и оваа фирма е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа. Како тоа лица кои биле дел од разузнавачки структури, кои директно или индиректно се поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување сега се пак во игра за милионски тендери за софтвери? И како тоа баш сега, Владата на Мицкоски избрала човек од тоа време, од тие структури, сведок за уништувањето на опремата, праша Кузеска.