Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека „промената на стихови од песна која е симбол на антифашистичката борба и народното ослободување е срам за Владата“.
Оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по вчерашната владина прослава во Куманово по повод празникот 11-ти октомври, Денот на востанието на Македонија, каде што при изведбата на македонски партизански песни, хорот наместо „клетите фашисти“, пееше пееше „клетите душмани“?.
„Промената на стихови од песна која е симбол на антифашистичката борба и народното ослободување е срам за владата. Понизноста на власта оди до граници на негација на фашизмот и желба за ретуширање на историјата. Промената на стихови од песна од клетите фашисти во клетите душмани, е потврда на се што говориме изминатиов период, дека СДСМ спроведува асимилација по бугарски диктат. Оваа власт буквално сака да го одлепи фашистичкиот карактер на бугарската држава во Втората Светска војна, и да прикаже дека тоа не бил фашизам, туку извесно администрирање на територии, како што кажуваше Заев. Целта на присетување на Втората светска војна и нападот кон фашизмот е со цел истите никогаш да не се повторат. И треба да бидат срам за едно време. Тој срам не може да се избрише. И треба да стои со цел никогаш да не се повтори“, изјави за „Локално“, Марија Митева – член на Извршниот Комитет и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем, додава таа, за ваквите негации на фашизмот, и негово воскреснување преку таканаречените бугарски клубови, кои носат фашистички имиња имавме и реакција од Симон Визентал – еврејскиот центар.
– Тоа што за целиот цивилизиран свет не е нормално, за власта е нормално и го пропагира. Токму затоа ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ова е уште еден огромен скандал на власта која покажува понизност, нагласува Митева.
Од друга страна од владината прес служба остро демантират дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна, со политичка позадина.
– На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизација на аранжманот според нашите сознанија е правен во доцните седумдесетти односно рани осумдесетти. Во прилог партитурата која е користена за изведбата на вчерашниот настан, изјавија за „Локално“ од Владата.
Инаку, на вчерашната владина прослава во Куманово по повод празникот 11-ти октомври, Денот на востанието на Македонија, при изведбата на македонски партизански песни, хорот наместо „клетите фашисти“, пееше пееше „клетите душмани“.
Д.Ј.