Потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, а тоа подразбира наместо фосилни повеќе користење на еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување, велат од ВМРО-ДПМНЕ за справувањето со загадениот воздух низ повеќе градови во Македонија.
Од партијата се децидни дека за да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Тврдат дека новиот начин на затоплување на домовите, истовремено, треба да биде достапен за сите граѓани.
-Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира. Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста и тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството.
Жално е што поранешната седум годишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалувањето на загадувањето, стои меѓу другото во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале за некој период од среден рок, од неколку години.
Алармантен е квалитетот на воздухот во повеќе градови. На некои места е веќе надминат прагот. Министерството за животна средина ги повика сите институции, општините и Град Скопје да ги извршуваат обврските предвидени со Акцискиот план и да ги засилат инспекциските надзори, контролите во станиците за технички преглед на возилата, да се проверува нивната исправност. Констатирано дека кај индустриските капацитети со А-дозвола нема отстапување.
СДСМ, пак, обвини дека власта не презема ништо за подобрување на состојбата.
-Кога беше опозиција ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа 7 месеци, мерки против загадувањето нема.
Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно, рекоа од „Бихаќка“.
Лекарите велат, од токсичниот воздух особено на удар се децата и хронично болните.
Главниот град на земјава неколку дена е меѓу во првите десет најзагадени градови во светот, според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-Кју ер“.