ВМРО-ДПМНЕ: Заев, Груби и Ковачевски се дел од „антикорупцискиот тим“ на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека во партијата е формиран и антикорупциски тим од експерти што будно ќе ги следи сите потези на власта, а најави и нови „бомби“

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Локално

„Убедливо најиронично е кога Венко Филипче зборува за борбата против криминалот. Тоа е исто како човек со сомнителни морални навики да го поставите да биде наставник за етика“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ за денешната прес-конференција на СДСМ и најавите за формирање на „антикорупциски тим“.

Дополнително кога СДСМ зборува за „антикорупциски тим“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, листата сама се пишува, при што ги спомнуваат  Зоран Заев, Вице Заев, Васко Ковачевски, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Артан Груби.

„Ваков тим, вакво „реформирање“ денес нуди СДС. Кога Филипче зборува за чесност, а Заев е сè уште лидер во сенка на СДС, тоа е отворено потценување на граѓаните“, истакнуваат од најголемата владеачка партија.

СДСМ ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши да дојде во Македонија и да го провери случајот со европските пари од ИПАРД. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека во партијата е формиран и антикорупциски тим од експерти што будно ќе ги следи сите потези на власта, а најави и нови „бомби“.

Како дел од планот за меѓународна соработка, СДСМ ќе побара помош од италијанските институции кои со децении водеа борба против „Коза ностра“.

„Ако тие успеаја да се справат со најорганизираната мафија во Европа, тогаш и ние можеме да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Филипче.